Стапува на сила одлуката на Владата за замрзнување на цените на десетина видови овошје и зеленчук. Од денска во маркетите треба да се продаваат со нови пониски цени согласно пресметките на Владата. Министерот бектеши објасни дека пресметале дека одредени видови се продавале со маржа и од над 200 отсто. Согласно одлуката свежите домати не може да се продаваат за повеќе од 70 денари, а свежите краставици треба да бидат со максимална цена од 75 денари.
Коригирана пониска цена треба да има и кромидот кој треба да изнесува не повеќе од 60 денари… За карфиолот Владата одреди горна граница од 70 денари, зелените пиперки нема да може да се продаваат повеќе од 90 денари за килограм. Максималната цена на гравот треба да биде 75 денари, а на леќата 110 денари. Според владините математики јужното овошје односно бананите не смеат да бидат продавани по цени над 75 денари, портокалите и лимоните смеат да добијат налепници со цени до 55 денари, а максималната цена за мандарините е 60 денари. Деновиве од Владата излегоа со став дека со замрзнатите зени се ограничува очекуваната заработка на трговците но според нив тие не работат со загуба бидејќи и во замрзнатите цени предвидена е профитна маржа.
Од Државниот пазарен инспекторат пак информираа дека до сега се направени над 1800 инспекциски контроли и во неколку случаи регистрирани се прекршувања на одлуката за што изречени се казни во висина од над 2,5 милиони денари.