• Fri. Nov 22nd, 2024

Од денеска олабавување на мерките во Македонија

Да се укине обврската за носење маски на отворено, да се дозволат свадби со музика со максимум 100 гости, да се дозволи публика на спортските натпревари. Ова се дел од олеснувањата кои денеска ќе се најдат на седница на Владата.

Се предлага и укинување на мерката за работа во смени и од далечина, а полицискиот час да остане на сила до 15 јуни.

Од Владата соопштија дека Главниот кризен штаб ги прифатил препораките на Комисијата за заразни болести за олеснување на мерките. По исцрпна дискусија и имајќи ја предвид поволната моментална епидемиолошка состојба со Ковид-19 во државата.

Комисијата за заразни болести препорачува:

1. Укинување на мерката носење заштитна маска на отворено со препорака за носење маска кога лицата се во поголема група. Останува на важност мерката за задолжително носење заштитна маска во јавен превоз, такси-превоз и во сите затворени простори.

2. Да се дозволи присуство на публика на спортски натпревари кои се одржуваат на отворено до 30 проценти, од вкупниот капацитет на посетители, со задолжително почитување на растојание помеѓу посетителите од 1,5- 2 м (три седишта) и со доследно применување на мерките за заштита од Ковид-19.

3. Се укинува мерката за забрана за групирање на јавен простор на не повеќе од 4 лица.

4. Да се дозволи организирање свадби, прослави, веселби на отворен простор/летни тераси до максимум 100 лица, но не повеќе од 50 проценти од капацитетот на просторот и до максимум шест лица на маса со обезбедување на препорачаната дистанца помеѓу лицата. Присуство на музичари е дозволено само при организирање свадби, а согласно соодветен протокол.

5. Се зголемува бројот на лица на една маса во угостителските објекти од четири лица на шест лица со обезбедување на препорачаната дистанца помеѓу лицата на масата.

6. Се препорачува укинување на мерката за работа во смени и од далечина.

7. Продолжува да важи мерката за полициски час до 15.6.2021 година.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *