• Thu. Nov 21st, 2024

Од декември струја со повластени цени за сите пријавени што ги исполнуваат условите

Процесот за снабдување со поевтина електрична енергија за клучните субјекти по одлуката на Владата тече непречено и без никаков застој, и сите пријавени кои исполнуваат услови ќе добијат електрична енергија од ЕСМ Продажба од 1 декември, информираат од таму.

„ЕСМ Продажба“ ги отфрла неоснованите изјави од страна на одредени претставници од стопански асоцијации во кои без аргументи и надвор од вистината се критикува процесот и се изнесуваат паушални оценки дека истиот е запрен, како и критики за службите кои истиот го спроведуваат.

„Сите лица кои се заинтересирани ги повикуваме да се обратат до „ЕСМ Продажба“ за информација како тече процесот и постапката, пред да даваат јавни изјави.

Исто така, апелираме на одговорност кај медиумите, односно согласно правилата за известување, да побараат податок и од ЕСМ Продажба, пред да пренесуваат во јавноста критички ставови на лица кои не поседуваат податоци за вистинската состојба.

Субвенционираното снабдување со електрична енергија за училиштата, прехранбената индустрија и водостопанствата е ново задолжение дадено на АД ЕСМ од страна на Владата. При секое ново задолжение кое не било дел од тековното работење на Друштвото, потребно е време за воспоставување на системот и процедурите за негово спроведување, набавка и инсталирање на софтвер, обезбедување соодветни ресурси за физичко и правно процесирање на договорите и комуникација со субјектите кои се од цела држава и од различни категории на дејност“, се вели во соопштението.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *