Низ поетски стихови, со видео приказна, но и низ сведоштвото на неговата сопруга Смилја, во Центарот за култура ,,Антон Панов” се раскажуваше животната и поетска врска на поетот и новинар Иван Василевски со Преведена.
Тоа е местото кое според неговата сопруга е извор на нивната најголема радост и тага и одиграло важна улога во животот и творештвото на Василевски.
Преведена како топос е често застапена во песните на Василевски, таму е неговото вечно почивалиште, а таму и живее неговата сопруга, опкружена со природата, спомените, омилените предмети и семејните албуми. Поетскиот филм е во продукција на
Друштвото за наука, литература, култура и уметност „Иван Василевски“ и дел од програмата со која се одбележува Празникот на градот.