Од ноември се очекува да започне да функционира т.н. ЕТИАС-систем за патување во 30 земји. Оние од Шенген зоната, како и Исланд, Норвешка и Швајцарија. Секој македонски државјанин за да влезе во овие земји најпрвин ќе треба електронски да се најави. На посебна интернет страница ќе мора да се пополни формулар. Ќе ги бара основните лични податоци, а процедурата ќе чини седум евра по човек. Парите исто така ќе бидат платени електронски, преку дебитна или кредитна картичка. Овој формулар мора да биде пополнет најмалку четири дена пред првото патување во некоја од овие земји.
Се очекува одобрувањето да трае неколку минути. Но, постои исклучок кога на зелено светло би се чекало и до 30 дена, поради дополнителни безбедносни ризици. Еднаш добиеното одобрение за патување ќе важи во наредните три години за неограничен број патувања. Ќе важи за членките на Шенген, Исланд, Норвешка и Швајцарија.
Од Европската Унија велат дека овој формулар не е виза. Според Брисел, овој систем ќе ја зголеми безбедноста, но и ќе ја забрза процедурата за влез на граничните премини. Сепак, вицепремиерот Бојан Маричиќ смета дека овој формулар е пречка и заедно со колегите од земјите од Западен Балкан, ќе бара од Унијата овој систем воопшто да не се воведува за нас.
„Оваа бариера иако нив им изгледа банална или многу техничка или несуштинска, сметам дека само ќе го засили наративот дека Европската унија не ги сака државите од Западен Балкан и сметам дека заслуживме и ние како Северна Македонија, но и другите држави, да имаат поинаков третман“, рече Маричиќ.
Идејата за ваков систем потекнува уште од 2016 година, но воведувањето постојано се одложуваше. Со последната одлука на Европската комисија, стартот на формуларите е закажан за ноември, а пробно системот ќе почне да функционира уште летово. Од земјите членки на Унијата, вакво најавување нема да биде потребно за Бугарија, Кипар, Ирска и Романија, бидејќи овие земји не се дел од Шенген зоната.