• Fri. Nov 22nd, 2024

Нови 97 милиони евра за рурален туризам, винарии, млекари, живинарски фарми

Европската комисија веќе ја усвоила програмата за ИПАРД 3 во која се доделени 97 милиони евра, европски средства кои ќе се искористат за поддршка на инвестиции во нова земјоделска механизација, изградба на сточарски и живинарски фарми, винарии, млекари, кланици, ладилници, инвестиции во рурален туризам, поддршка за мали бизниси во рурални средини и подобрување на руралната инфраструктура. Оваа информација ја објави вицепремиерот за европски прашања и Национален ИПА координатор, Бојан Маричиќ.

– Благодарение на континуираната поддршка која ја добиваат нашите земјоделци од европските фондови, македонските вина и храна имаат свој препознатлив печат и се почитувани не само на Балканот, туку и низ светот, вели Маричиќ, потенцирајќи дека виното е еден од нашите најважни стратешки производи и втор најизвезуван во Европската Унија, која е најзначаен партнер во трговијата со земјоделско-прехранбени производи на Северна Македонија.

Во продолжение тој објаснува дека членството на Северна Македонија во Европската Унија, во областа на вино и храна, ќе овозможи македонските земјоделци да имаат слободен пристап на единствениот пазар на ЕУ, Северна Македонија да биде дел од Европската економска зона и од единствениот пазар на државите членки на ЕУ, да регистрираме и заштитуваме земјоделски производи, кои се веќе регистрирани и заштитени со национални ознаки на потекло, географско потекло или гарантиран традиционален специјалитет, пристап до значаен дел од фондовите на ЕУ, кои ќе бидат на располагање за финансирање на руралниот развој и 100 проценти безбедна, сигурна и конкурентна храна на европскиот пазар.

Искористувањето на овие средства ќе започне по ратификувањето на Рамковната спогодба за ИПА 3 која е во фаза на подготовка за ратификување во Собранието на Република Северна Македонија, што треба да се реализира до крајот на септември 2022. По овој процес следи потпишување на Финансиски спогодби за секоја програма, информираат од Секретаријатот за европски прашања.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *