Неделава, на 10 или 11 февруари, двете министерства за надворешни работи, на Северна Македонија и на Бугарија, во Софија ќе ги продолжат разговорите на експертско ниво за политичкиот пакет прашања во обид за надминување на разликите меѓу двете земји.
Состаноците на работните групи, пак, кои беа формирани на заедничката меѓувладина седница што се одржа во Софија на 25-ти јануари, ќе продолжат со најавеното темпо – четири пати во месецот ќе се среќаваат делегции на двете земји за да разговараат за прашања од инфраструктурата, образованието, културата, евроинтеграциите, историјата…
Како што најави на брифингот со новинарите во саботата шефот на дипломатијата Бујар Османи, преговорите продолжуваат преку комисиите, при што на 10-ти ќе се одржи состанок на Работната група за инфраструктура, на 14-ти Работната група за евроинтеграции, потоа на 21-ви Работната група за образование и на 28 февруари, состанок на Заедничката комисија за историски прашања, така што, вели тој, четири пати ќе разговараат за иднина, а еднаш за историја.