Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ги информира сите заинтересирани за добивање на финансиска поддршка од ИПАРД 2, мерка 7 „Диверзификација на фарми и развој на мали бизниси“, дека се дава дополнителен рок од 15 дена за доставување на апликациите за добивање на финансиска поддршка преку оваа мерка од ИПАРД 2 програмата.
Ова значи дека наместо до 22 август 2021 година, комплетната документација заедно со барањето за финансиска поддршка од ИПАРД, заинтересираните ќе може да ги достават до 6 септември 2021 година.
Директорот на АФПЗРР, Никица Бачовски, информира дека со продолжување на рокот за аплицирање им се дава дополнителна можност на апликантите за прибирање на целокупната документација која е потребна за поднесување на барања за добивање на средства преку мерка 7„Диверзификација на фарми и развој на мали бизниси“.
„И ние и Телото за управување со ИПАРД при МЗШВ, увидовме дека заради летните одмори, најголем дел од домашните и странски добавувачи работат со редуциран капацитет, со што апаликантите се соочуваат со проблем околу прибирање на потребната документација и понуди за набавка на инвестициите, што пак е услов за прифаќање на апликацијата како комплетна.Токму затоа им излегуваме во пресрет на сите заинтересирани да можат да достават квалитетни, целосни апликации преку кои ќе се искористат расположливите средства.“ – информира Бачовски.
На овој повик на располагање се над 13,5 милиони евра. Финансиската поддршка по корисник се движи од 1.500 до 1.000.000 евра, не вклучувајќи го данокот на додадена вредност а повратот на инвестицијата е во висина до 65% од вкупните прифатливи трошоци.