Во просториите на Домот на АРМ во Струмица денеска се одржа повторена Јавна анкета за дел од Централното градско подрачје на делови од Блок 1 (УЕ1), Блок 30 (УЕ7), Блок 33 (УЕ4) и Блок 37/1 (УЕ5) во Струмица, со површина од 8,11 хектари.
Јавната анкета по истиот е отворена до 27.07.2022 година и во тој рок заинтересираните граѓани и правни лица можат да доставуваат писмени забелешки, предлози и мислења на анкетните листови.
Градоначалникот Костадин Костадинов потенцираше дека за него приоритет е мислењето на граѓаните. „Музеј на градскиот плоштад нема да има, но ќе има реконструкција со многу зеленило и убави содржини за струмичани“ – кажа Костадинов.
Општина Струмица со измените на Деталниот урбаниситчки план за централното градско подрачје планираше да гради Музеј на плоштадот „Гоце Делчев“, кај Саат кулата и градскиот дисплеј, односно од кај предната страна на гимназијата „Јане Сандански“ со површина од околу 1000 м², на две нивоа. Но, по многуте реакции на граѓаните низ социјалните мрежи и по повторената јавна анкета, локалните власти се предомислија и сега наместо Музеј најавуваат „многу зеленило и убави содржини“ на самиот плоштад во Струмица.