Не може да се лоцира Мијалков. МВР го бара бидејќи судот му определи притвор поради опасност од бегство.
Полицијата го бара ексидиректорт на УБК, Сашо Мијалков, откако претходно Кривичниот суд му определи куќен притвор со 24 часовен надзор. Домашниот притвор е поради опасност од бегство.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција вчера, 21 февруари, во 15 часот до Основниот кривичен суд Скопје доставило предлог за определување мерка притвор против Мијалков обвинет во предметот „Таргет-тврдина“, заради постоење на сомнение за евентуално бегство.
Од Судот информираат дека иако рокот за постапување по барањето за притвор законски е 24 часа. Поради итноста и поради сомневањето за бегство, веднаш било донесено решение со кое на Мијалков му бил определен куќен притвор со 24 часовен надзор. Исто така и видео и електронски надзор.
Од Судот велат дека во 18:30 часот решението веќе било испратено до МВР како надлежни за понатамошно постапување. Сепак до сега, не може да се лоцира Мијалков.
Против ова решение странките имаат право на жалба преку овој суд до Апелациониот суд Скопје во рок од 24 часа.
Од МВР засега нема информации за случајот.
Случајот таргет-тврдина
Поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, од својата канцеларија директно можел да слуша разговори кои нелегално биле прислушувани. Постоеле кориснички имиња со кои можеле директно од канцелариите да слушаат разговори. Г.Г. било корисничко име за Горан Грујевски. Н.Н. за обвинетата началничка Надица Николиќ, а имало и корисничко име „директор“. Тогашен директор на управата е Сашо Мијалков. Меѓу прислушуваните има политичари, членови на нивните семејства, новинари, адвокати, обвинители, градоначалници. Нивните имиња денеска повторно беа споменати во судницата како оштетени лица во една од најголемите афери за прислушување во земјата. Главното прашање не е како се прислушувало. Туку кој стои зад скандалот – порача обвинителката Ленче Ристоска на завршните зборови за случајот „Таргет-Тврдина“ коешто се одржа во Кривичниот суд во Скопје. Масовното незаконско прислушување во УБК се вршело од 2008 до 2015 година.