Стабилноста на финансискиот систем беше одржана успешно и во 2021 година при што речиси сите сегменти од финансискиот сектор остварија забрзан раст. Банкарскиот систем, како главен дел од финансискиот систем, ја задржа својата сигурност, а со носењето на макропрудентните мерки во доменот на противцикличниот заштитен слој на капиталот, дополнително се зајакнува неговата отпорност на шокови.
Стабилноста на девизниот курс, како клучен предуслов за финансиската стабилност, беше одржана успешно, со што уште еднаш се потврди цврстата определба на Народната банка за доследно спроведување на стратегијата на фиксен девизен курс, за што гарантира и соодветното ниво на девизни резерви. Ова се наведува во Извештајот за финансиската стабилност за 2021 година, којшто беше усвоен на редовната седница на Советот на Народната банка.