Рекорден број слушатели на предавањата за финансиска едукација на Народната банка. Во 2021 година биле одржани вкупно 102 предавања на кои биле присутни 6.351 слушател, меѓу кои ученици, студенти и професори. Беа вклучени 70 различни училишта. Предавањата на македонски и на албански јазик се одржуваа преку интернет, поради пандемијата на ковид-19, за учениците и од градските и од руралните средини, информираат од НБРМ.
Појаснуваат дека минатата година од страна на Народната банка биле изработени повеќе едукативни материјали за финансиска едукација, како едукативни презентации, текстови, видеоматеријали и инфографики, наменети како за младите, така и за возрасното население.