Групата Г7, која ги обединува економски најмоќните земји во светот, размислува за блокада на рускиот транспорт на нафта за да ја лиши Москва од приходите поради инвазијата на Украина – освен ако цената на нафтата не биде ограничена.
Групата Г7 ја сочинуваат САД, Канада, Франција, Германија, Велика Британија, Италија и Јапонија.
Во изјавата за печатот, министрите на Г7 рекоа дека размислуваат за „сеопфатна забрана за сите услуги што овозможуваат поморски транспорт на руска сурова нафта и нафтени деривати низ светот, освен ако нафтата не се купи по цена договорена во консултација со меѓународните партнери или под таа цена“.
„ Додека ја разгледуваме оваа и другите опции, ќе разгледаме и други мерки за олеснување на цените, заедно со рестриктивни мерки, за да се осигураме дека најранливите земји ќе продолжат да имаат пристап до енергетските пазари, вклучувајќи го и рускиот“, се вели во соопштението.
Многу земји воведоа санкции кон Русија по инвазијата на Украина. Но, Кина и Индија одлучија да увезат уште поевтина руска нафта отколку пред почетокот на војната.
извор: makfaks