Нацрт-концептот за основно образование на собраниска седница. Собранието денеска треба да ја одржи 34. седница, на чиј дневен ред се 67 точки. Пратениците, меѓу другото, ќе расправаат за предлог-законот за дополнување на Законот за средното образование по скратена постапка. Потоа, за предлог-измените на законите за оружјето, за прекршоците против јавниот ред и мир, за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија. Како и за безбедност на сообраќајот на патиштата, на Законот за здравствената заштита. На дневен ред е и информацијата за нацрт-концепција за основно образование.
Ќе заседаваат и две собраниски комисии. Членовите на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците треба да ги разгледааат годишните извештаи за работата на Државната комисија за спречување на корупцијата, на Судскиот совет, на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, на Инспекцискиот совет и на Агенцијата за администрација за 2019 година, како и Национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025. Комисија за труд и социјална политика ќе расправа за предлог-законот за изменување на Законот за социјалната заштита, во прво читање.
Експертската јавност поделена
Изминатиот период сме сведоци на бројни реакции во врска со новиот концепт и реформите во образованието. Нив ги најави министерката за образование и наука Мила Царовска. Иако повеќето од нив се негативни, сепак имаше и такви кои јавно ги поддржаа најавените реформи.
Па така, од Институтот за педагогија со мнозинство гласови се донесе заклучок да не се прифати понудената концепција за основното образование. Сепак раководителката на тој институт, проф д-р Јасмина Делчева Диздаревиќ, како и проф-др Лена Димовска, објавија дека тие не се против понудените реформи.
извор: Макфакс