• Mon. Nov 25th, 2024

На Табановце поставена првата табла за Зелена лента за Отворен Балкан

На граничниот премин Табановце, на влез во Северна Македонија, Царинската управа на Северна Македонија ја постави првата табла за Зелена лента за Отворен Балкан што е еден од првите проекти на иницијативата кои даваат конкретен и видлив резултат за побрз проток на стоки, услуги, луѓе и капитал.

Најважната придобивка од Зелената лента за компаниите и транспортерите, како и за Овластените економски оператори од Отворен Балкан е намалување на времето на чекање на граничните премини. Тоа е овозможено преку приоритет во преминувањето и спроведување на царинските постапки со скратени и олеснети физички и документациски контроли.

Со визуелното обележување на Зелената лента за Отворен Балкан, Царинската управа ги упатува транспортерите кон полесно движење на стоките и намалување на трошоците за извоз и увоз. Следната недела вакви обележја ќе бидат поставени и на граничниот премин Ќафасан при влез во Северна Македонија, а потоа истото ќе го направат и партнерите од Србија и Албанија на позициите при влез од Северна Македонија во тие две држави.

Одобрението за овластен економски оператор кој го издава Царинската управа претставува потврда дека лицето имател на ОЕО е сигурен и безбеден партнер на царинскиот орган и има контрола над процесите на своето работење, а со протоколите кои меѓусебно ги потпишавме тие потврди се еднакво валидни и за земјите кои се дел од иницијативата Отворен Балкан. Ова е значајна придобивка за компаниите од трите земји кои побрзо и поефикасно можат да ја пласираат својата роба.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *