Мешаните шуми се поотпорни на болести и на пожари. Пожарот во шуми со еден вид дрвја се шири побргу, а за негово ширење придонесуваат и шишарките, кои при пожар летаат и прават нов пожар.
„При пожарите летаат шишарки, зголемуваат и побргу е ширењето на пожарот и тоа го имавме ние во пожарите во 2021 во Малешевијата, кога изгоре огромна површина. Нам тогаш ни изгореа, според нашите проценки, околу 400.000 кубни метри дрвен материјал“, објаснува директорот на ЈП Национални шуми, Валентин Груевски.
Во времето на Југославија се мислело дека на Македонија ѝ фалат повеќе иглолисни дрвја, па такви и се саделе.
„Бидејќи во нашата држава составот на шумите е повеќе листопадни шуми, а многу помалку четинарски шуми се сметало во тоа време дека треба да се пошумува со четинарски или иглолисни видови. Не водејќи многу сметка на која надморска височина, односно на кое место растат, истите се саделе. Исто така се садеа и се создаваа чисти насади. Значи, не мешани насади, туку чисти насади, претежно од црн бор, помалку од бел бор и од чемпрес“, наглсува Саша Јовановиќ, раководител на секторот за шумарство во Министерството за земјоделие.
онокултурите требале да ја зајакнат економијата
По двете светски војни не само на територијата на тогашната Југославија, туку и во Европа, ваквите шуми требале да ја зајакнат економијата. Но, таквата неприродна шума е ранлива.
„Значи, ние гледаме дека најранливите шумски формации, без разлика дали зборуваме за суша, за бури, за поткорници, за пожар се всушност еднослојните монокултури, односно класичната индустриска шума, која беше пошумена по Првата и Втората светска војна со цел брзо да се поттикне економијата. Во тоа време вистинска одлука, но секако на голема површина се работело со малку видови дрвja: смрека, бор, црн бор ит.н. Оваа шумска формација е секако нешто неприродно“,објаснува Александер Хелд,виш експерт во Европски институт за шуми – ЕФИ.
„Ако гледаме шуми слични на природните тогаш таму гледаме многу разновидни видови дрвја, слично на сликата зад мене. Стари дрвја, големи дрвја, мали дрвја, дебели дрвја, млади дрвја, различни видови дрвја“, додава Хелд.
Македонските шуми не се третираат авионски поради извозот
Пожарите и климатските промени се стрес фактор за појава на болести, габи и на поткорници – инсекти, чии ларви под стеблото го јадат дрвото и доведуваат до негово сушење. Од боров четник, преку жолтомешка, до увезена болест пред многу децении од Италија и кисели дождови – нападите врз дрвјата во македонските шуми доаѓаат од различни страни.
Автори:Александар Методијев, Сузана Мицева
Овој текст и документарниот филм „Кревките шуми“ беа развиени со поддршка на Journalismfund Europe