Контејнер за селекција во форма на срце денеска е поставен во дворот на основното училиште „Сандо масев“ во Струмица. Иницијативата за оваа активност е малата Михаела, ученичка во нижите одделенија во ова училиште, која подолг период ги селектирала капачињата со членовите на сопственото семејство.
Според објавата на социјалните мрежи на градоначалникот Костадинов, Михаела идејата ја пуштила до општината, каде е прифатена и денеска се постави контејнерот во кој децата ќе може капачињата да ги селектираат посебно од другиот пластичен отпад.
„Денеска благодарение најмногу нејзино, но и на општествено одговорната компанија Интер Метал Мет идејата на Михаела е реализирана. Овој пристап ќе биде применет во сите училишта, ова нека биде поттик за сите граѓани слободно да ги споделувате вашите идеи со мене,“ порача на својот фејсбук профил градоначалникот Костадинов.