Со Ребалансот, Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство (МЗШВ) обезбеди 2,7 милијарди денари, средства наменети за директна поддршка на земјоделците, односно за исплаќање на редовните, но и целосно расчистување на заостанатите субвенции кон земјоделците. Повеќе од 45.000 земјоделци во текот на тековната 2022 година ги добиваат своите субвенции.
„Главниот акцент е ставен на земјоделството и поддршката на секој еден земјоделец во услови на криза, преку конкретни мерки. Директно сме насочени кон обезбедување на стабилно и зголемено домашно производство на храна, на обезбедување повеќе пари кон земјоделците и поддршка која навремено, па дури и авансно ќе ја добиваат“, истакнуваат од Министерството.
Откако се тргна штетната блокада во Собранието и пратениците заеднички ги донесоа измените на Законот за земјоделство и рурален развој, за прв пат се воведува и можноста за авансна исплата на поддршката за земјоделците од програмата за директни плаќања. Секој земјоделец ќе може 30% од сумата да ја добие авансно, во рок од 90 дена по аплицирањето.
Со ребалансот ќе бидат исплатени околу 10.200 одгледувачи на говеда во износ од околу 340 милиони денари, а се исплаќаат и околу 420 милиони денари за предадено млеко во преработувачки капацитети, како мотивирачка мерка за зголемено производство на млеко. МЗШВ ги расчистува и сите заостанати долгови кон одгледувачите на говеда.
„Нема веќе доцнење со исплатата на субвенциите за произведено млеко, а за првпат субвенциите ќе бидат исплатени и во предвидените рокови од Програмата. Дополнително, преку Интервентниот фонд, ќе се исплати и една фаза од оваа година. Ако, на пример, во 2017 година министерството должеше само кон млекопроизводителите цели 9 фази субвенции, со предложениот ребаланс на Буџетот за 2022 година не само што се исплаќаат тековните субвенции, туку целосно се решаваат и заостанатите долгови кон сточарите“, посочуваат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.