По 67 дена поминати на Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство – Скопје, со престој на неонатолошките интензивни одделенија, предвремено роденото женско бебе денеска заминува дома во добра општа состојба и со уреден наод на виталните функции.
Бебето беше родено на 08 октомври, предвремено во 29-та гестациска недела, со екстремно мала тежина од само 665 грама, со должина од 30 сантиметри, а денеска стручниот тим на клиниката го испишува со 2.190 грама телесна тежина.
Трудницата која е прворотка беше хоспитализирана три дена пред раѓањето на бебето – на 5 октомври и во тој период беше подложена на предродилен мониторинг и третман. Бременоста и била оптоварена со повеќе ризици, вклучувајќи го слабиот раст и развој на фетусот, односно на плодот во утробата на мајката.