• Fri. Nov 22nd, 2024

МТСП: Новото мартовско усогласување на пензиите изнесува 8,4 отсто

Министерството за труд и социјална политика известува дека во согласност со одлуката на Владата на Република Северна Македонија од март 2022 година за новата методологија за усогласување на пензиите со мартовската исплата пензиите ќе се зголемат 8,4 %.

„Со Законот за изменувањето и дополнувањето на Законот за пензиското и инвалидското осигурување се предвиде нов начин на усогласување на пензиите, при што за пресметката на усогласувањето на пензиите се зема растот на трошоците на живот и растот на просечната плата. Со овој начин на усогласување на пензиите се овозможува реален пораст на пензиите во однос на платите, односно, како што ќе порасне просечната плата, во континуитет ќе растат и пензиите. Усогласувањето на пензија се врши според движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50 % и порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Северна Македонија во висина од 50 %“, велат од МТСП.

Како што дополнуваат, пензијата, во согласност со новата методологија, се усогласува на 1 март и на 1 септември секоја година според процентот што се добива како збир на порастот на индексот на трошоците на живот во претходното полугодие и процентот на порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Северна Македонија во претходното полугодие во однос на полугодието што му претходи.