• Fri. Nov 22nd, 2024

МТСП најави мерки за лицата со попреченост

Од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) ја известуваат јавноста дека во соработка со другите релевантни министерства и институции, а врз основа на барањата на здруженијата на граѓани на лицата со попреченост и родителите на децата со попреченост, во 2022 година ќе спроведе неколку мерки кои се во интерес на унапредување на правата на децата и лицата со попреченост:

· ослободување од партиципација за лицата со попреченост над 26 години корисници на правото за попреченост при специјалистичко-консултативна здравствена заштита, болничко здравствена заштита и за лекови издадени на рецепт на товар на Фондот за здравствено осигурување;

· измена и дополнување на Законот за заштита на детето со кое ќе се овозможи покачување на посебниот додаток за 15% за сите три подвидови на корисници;

· намалување на возрасната граница за остварување на правото за траен надоместок за родител кој се грижел за своето дете со попреченост до неговата 26-годишна возраст;

· измена на Законот за социјална заштита со кое ќе се дополни делот за децата/ лицата кои можат да ја користат услугата за лична асистенција и за децата/лицата со комбинирана попреченост, но каде едната од попреченостите е најтешка телесната попреченост;

· измена и дополнување на Одлуката за цената на социјалните услуги за 2022 година, каде се предвидува цена за час индивидуален и цена за дневен третман за дете/лице со попреченост од стручен работник во лиценцираните Дневни центри за деца со попреченост, односно 858 денари за индивидуален третман и 1.053 денари дневно по корисник.

· воведување на Регистар за лицата со попреченост;

· измена на Правилникот за ортопедски помагала со што ќе се овозможи да се доделуваат ортопедски помагала – чевли на секои 6 месеци за сите возрасни групи;

· подготовка на нова Национална стратегија за лицата со попреченост 2022-2027;

· обезбедување  обуки и понуда на работни места за невработените родители на децата со попреченост во услугите од социјалната заштита и во Дневните центри;

· отворање  Центар за рана интервенција во соработка со Министерството за здравство и со Граѓанските организации;

· отворање  10 станбени единици за живеење со поддршка за 50 корисници од Специјалниот завод „Демир Капија“ и ЈУ Завод за рехабилитација Скопје.

Од ресорното министерство посочуваат и дека ќе продолжат да ги унапредуваат правата на децата и лицата со попреченост во консултација со граѓанските организации, Националните сојузи и родителите на децата со попреченост со кои во изминатите три години реализирале, како што велат, повеќе мерки и политики.

Ова известување на Министерството за труд и социјална политика доаѓа по вчерашните обвинувања од политичката партија Левица дека парламентарното мнозинство гласало против носење на измени на Законот за заштита на децата, поднесен од пратениците на партијата по скратена постапка.

Борислав Крмов од Левица соопшти дека во прашање бил предлог за менување, односно зголемување на посебниот додаток од 5.021 денари на 10.042 денари, посебниот додаток за самохран родител кој има дете со попреченост до 26 години од 7.531 да се зголеми на 15.063 денари, и пoсебниот додаток за материјално необезбедени родители, кои се корисници на гарантирана минимална помош за деца кои имаат попреченост до 26 години, од 6.276 денари да се зголеми на 12.552 денари.

„Со 31 глас ЗА, 47 ПРОТИВ и 1 ВОЗДРЖАН овој предлог не беше изгласан во Собранието на РМ’, извести вчера Крмов.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *