• Fri. Nov 22nd, 2024

Може ли Преспа да се спаси по примерот на Дојран?

Преспанското Езеро ја дели судбината на Дојранското. Според проф. д-р Васко Левков од ПМФ, „езерото ги има истите симптоми како Дојранското Езеро во минатото“. Второто беше спасено преку дополнувања со вода од специјално за таа намена изградениот хидросистем Ѓавато. Може ли истото решение да се
примени и во случајот на Преспанското Езеро?


„Се размислуваше и во таа насока. Меѓутоа, Дојранското Езеро не понира. Преспанското Езеро понира во Охридското Езеро. Значи, различни екосистеми се. Таму се реши проблемот не само со дополнителните
количини вода, коишто ги носевме со хидросистемот Дојранско Езеро, туку и со климатските влијанија. Имавме период на сушни години, кога имавме големи испарувања, потоа имаше период кога имаше доволни количини, коишто во форма на врнежи паднаа во Дојранското Езеро. Циклични се промените. Мислам, природата знае да нѐ изненади – некогаш позитивно, некогаш негативно“, објаснува министерката за животна средина, Каја Шукова.


Решението кое помогна да се спаси Дојранското Езеро се разгледувало во трите држави, но нема да се примени во Преспа. „Да, размислуваме за тоа, но тоа е затворен басен. Не е како Дојран. Мислам, од каде да се пумпа вода? За Мала Преспа едно можно решение би можело да биде пренасочување на реката Агиос Германос, дел од течението на реката Агиос Германос во Мала Преспа, како што беше во 30-
тите. Другото решение е да се користи реката Девол, но таа е толку загадена и транспортира толку многу материјал во езерото, што мислам дека нема да биде од корист за езерото“, објаснува Мирсини Малаку,
извршен директор на Друштвото за заштита на Преспа.

Грција како ЕУ-членка не смее да префрла води

Грција, како членка на ЕУ, мора да ја почитува директивата за води, со која не се дозболува испумпување на вода од еден и внесување во друг басен. Според проф. Драган Арсовски, координатор на проектот на Македонското еколошко друштво за зачувување на Преспа, таквиот зафат треба да биде последниот
избор, бидејќи не постои можност да се предвиди какви дополнителни промени со тоа би биле направени во езерото.


„Јас сум генерално против вакви промени, особено во системи како што е Преспанското и Охридското Езеро, коишто се екстремно уникатни. Еве во Дојранско Езеро исто така донесовме вода, којашто потекнува од Вардарското сливно подрачје, односно Егејското сливно подрачје. Тоа сливно подрачје не се совпаѓа со Преспанското и со Охридското Езеро“, објаснува Арсовски и додава: „Преспанското и Охридското Езеро припаѓаат на Јадранското сливно подрачје, а сами по себе се екстремно уникатни. Вие кога ќе донесете вода од река, којашто припаѓа на друго сливно подрачје, со таа вода ги носите и организмите, коишто живеат во нејзе. А, тие организми во тоа сливно подрачје биле изолирани“.
И министерката за животна средина нагласува дека за да се направи такво нешто мора да се има извор од кој ќе се носи вода.


„Во Дојран носевме 20 километри. Цевководот е во должина од 20 километри. И мора водите да бидат компатибилни“, објаснува министерката Шукова. „Во случајот на Дојран имавме извор, значи место од каде што можевме да ги црпиме водите. Тука сѐ уште такво нешто не е идентификувано. И јас би одела со ЕУзаПреспа и ваков тип на проекти за да ги подобриме состојбите на Преспанското Езеро“, додава таа.
Дојранското Езеро не треба повторно да се игнорира Иако Дојранското Езеро навидум е спасено, за него и натаму е потребен поголем ангажман.


„Она што го гледаме од грчката страна е дека треба поголеми зафати, со коишто ќе се расчисти таа бујна вегетација и сите тие дрвја кои се наоѓаат во самото езеро, а со тоа да се подобри и квалитетот на водата, бидејќи не е работата само ние од оваа страна да се трудиме, туку малку повеќе грижа треба и од грчката страна“, нагласува градоначалникот на Дојран, Анго Ангов.


Прашан зошно нема интерес на грчката страна за одржување на езерото, тој одговара: „Стар Дојран знаете дека е развиено туристичко место, коешто живее од самото езеро, но од грчка страна нема такви инфраструктурни зафати и такви објекти коишто развиваат туризам, туку целиот туризам е пренасочен кон морето. Тоа е една од причините и тука гледам дека нема некоја поголема заинтересираност од страна на Грција за управување со езерото и заштита“.

Зафати за спасување на езерото

Во однос на Преспа, на грчката страна веќе се прави систем капка по капка, со кој ќе се заштедат 46 проценти од досега користената езерска вода. На македонска страна земјоделците биле тренирани за одржливи земјоделски практити и се размислува да се користат други јаболкови сорти, за кои е
потребна помалку вода. Таму веќе се издадени седум одобренија за градба на канализациски системи и прочистителни станици, со пари од проектот ЕУзаПреспа, за намалување на загадувањето на езерото со отпадни води.

„Сѐ уште имаме луѓе кои сакаат да ја доведат Преспа во ситуацијата во која беше во 90-тите. И го бараат тоа од владата. Но, ова не е возможно. Не е“, нагласува грчката експертка Малаку.

Во таква ситуација, надежта освен во проектите финансирани од ЕУ, се гледа и во виша сила – некои нови циклични периоди на поголеми врнежи.


Автори: Александар Методијев, Сузана Мицева, Елона Елези и Есмералда
Топи
Овој напис и документарецот „Преспа – жедното езеро“ беа
развиени со поддршка на Journalismfund Europe