– Согласно мислењето на Главниот координативен кризен штаб и Владата, подготвени сме наставата да ја започнеме со физичко присуство за сите ученици. Исклучоци се учениците со хронични болести, учениците кои имаат хронични болни во семејството, како и од немедицински причини за кои ќе одлучуваат училиштата. За овие ученици ќе има можност наставата да се следи онлајн во текот на целата учебна година – изјави Душан Томшиќ, советник во Министерството за образование и наука.
Тој апелираше на доследно почитување на протоколите и истакна дека со нив е предвидено наставата да се одвива со носење маски во училница, да се прават чести проветрувања, чистење и дезинфекција на училниците, ходниците и преостанатите простории во училиштата.
– Од први септември наставата ја започнуваме со физичко присуство во сите училишта, за што Владата веќе донесе одлука и се подготвени потребните протоколи за заштита на здравјето. Отворањето на училиштата е во најдобар интерес за учениците, а истото е препорака и на УНИЦЕФ и на ОЕЦД. Најдобар начин за да го заштитиме и менталното здравје и да го одржиме нивото на квалитет на наставата и социјализацијата на учениците е тие да се во училница и ние тоа ќе го направиме во оваа учебна година – рече министерката за образование и наука Мила Царовска во интервју за ТВ Клан.