Вистина е дека сé може да се одложи, ама грижата за талентот не може. Кога велам грижа, мислам и на онаа институционалната, но секако мислам и на онаа од семејството, од поширокото опкружување и општеството, а најважна е личната волја за надградба, самодовербата и истрајноста на надареното или талентираното дете. Затоа што, верувам дека сите ние сме биле сведоци на ситуации во кои луѓето кои ги поседуваат, ги игнорираат своите таленти и наместо насочување кон тоа што најдобро го знаат, одбираат да се фокусираат на нешто сосема друго.
Ова го кажа министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешниот вебинар посветен на грижата кон надарените и талентираните деца, организиран од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола на кој учествуваа повеќе претставници на академската и научната фела и експерти во областа на образованието.
Шаќири рече дека државата има механизам со кој ги поддржува талентираните ученици, но и дека постои простор за надополнување со нови мерки со цел грижата кон овие деца да биде покомплетна и поефективна.