Предметот етика во религиите останува изборен предмет во наставниот план за деветгодишното основно образование за учебната 2023/2024 година. Во согласност со концепцијата за основно образование, што етапно се воведува, и во учебната 2023/2024 година, освен задолжителни предмети, има и два изборни – втор странски јазик и слободни изборни предмети.
Бирото за развој на образованието позитивно одговори на барањето на Министерството за образование и наука овој предмет да остане во системот на основно образование и да биде избор за учениците и родителите што сметат дека оваа тема е соодветна за периодот од животот на децата кога тие се градат како личности и стекнуваат морални вредности.
Концепцијата за основно образование предвидува широка понуда на изборни предмети што произлегуваат од искажаните интереси на учениците и се насочени кон развивање на нивните потенцијали и зголемување на задоволството на учениците од престојот во училиште. Покрај предметот етика во религиите, учениците може да изучуваат програмирање, сликарство, театар, танци и народни ора, да изберат спортски активности, мултикултурни работилници, образование за животни вештини, градинарство и хортикултура и други.