На средбите со извршниот директор на Светска банка Кун Давидсе, потпретседателот на Светска банка Ана Бјерде, регионалниот директор за Западен Балкан Линда Ван Гелдер и директорот на Светска банка за земјава, Масимилијано Паолучи беа разгледани мерките и политиките што ги спроведува земјата за справување со енергетската и ценовната криза, можностите и потребите за поддршка во реализација на тие мерки, како и плановите за враќање на патеките на економски раст.
„Конфликтот во Украина, неговото времетраење и неизвесноста што ја наметнува влијае на економијата на нашата земја, како и врз цените на основните прехранбени производи и енергенсите, кои и претходно веќе бележеа раст. Владата навремено одговори преку пакет мерки од 400 милиони евра, со средства обезбедени од Буџетот, но несомнено одолговлекувањето на кризата, прави дополнителен притисок и создава потреба од дополнителни финансиски средства, рече министерот Бесими, кој ги финализира договорите околу користење на инструментот Макрофинансиска поддршка од Европската Комисија како и финансиска поддршка од ММФ, кои ќе дадат силен сигнал за понатамошно продолжување на добрите макроекономски политики.