Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, до Државната изборна комисија ја поднесе иницијативата со референдумското прашање „Дали сте за престанок на важењето на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка на Македонија и Бугарија објавен во СБ 12/2018 од 18.01.2018“.
„Ги повикувам сите политички партии, без разлика на етничка припадност, или оние што се партиски неопределени, сите општествени чинители, невладини организиции да се обединат семакедонски и да застанат против главниот проблем на нашата европска интеграција. Кога ќе се одржува овој референдум, ги повикувам граѓаните да гласаат „за“ престанок на овој Закон“, рече Мицкоски пред медиумите.
Очекува во најскоро време да бидат собрани 150.000 потписи за да може да се одобри рефрендумот и ја повика власта на истиот ден да се одржат и предвремени парламентарни избори на еден трошок.
ДИК во наредниот период треба да ја достави иницијативата до претседателот на Собранието, Талат Џафери, а потоа понатаму да продолжи до двете собраниски комисии – законодавмо-правната и таа за политички систем кои треба да утврдат дали е уредна.
Мицкоски го повика и претседателот Стево Пендаровски да ја почитува иницијативата и јавното мислење.
– Истиот Стево Пендаровски дури сугерираше референдумско изјаснување, па потоа плукаше, но ќе мора да ја почитува волјата на граѓаните кои имаат различно мислење од власта. Од ден на ден Пендаровски го губи достоинството да ја извршува функцијата претседател на сите граѓани, порача претседателот на најголемата опозициска партија.