Мелничарите најавуваат поевтинување на лебот за околу 10 отсто кон крајот на декември или од почетокот на идната година. Тие ја поздравуваат владината одлука за обезбедување електрична енергија по поволни цени со која се опфатени производителите на храна и велат дека од неа најголем бенефит ќе имаат граѓаните.
Но, сепак, како што објаснуваат, цената на лебот ќе зависи и од движењето на цените на суровините.
– Со двете владини одлуки, за цената на електричната енергија и за ограничување на маржите во трговијата на големо и трговијата на мало, неминовно ќе има надолна линија со што ќе се постигне нормална цена во моменталната кризна состојба. Во зависност од индустрискиот пекарски капацитет, намалувањето на цените би било околу 10 проценти на малопродажните цени, нормално ако основната суровина, пченицата и брашното на берзите се задржат на ова ниво со цените во опкружувањето и во светски рамки, истакнува за МИА претседателот на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија во Стопанската комора на Северна Македонија, Горан Малишиќ.