• Sat. Nov 23rd, 2024

Матичните лекари со штрајк ќе го одбележат Денот на здравството

Матичните лекари од целата држава денеска ќе излезат на штрајк пред Министерството за здравство.

Одлучиле со штрајк да го одбележат Денот на здравјето, 7 Април. Причина било што здравствените власти не покажале слух по претходните два протеста. Тогаш тие остануваа во ординациите, но не работеа преку системот „Мој термин“.

„Управниот одбор во саботата ја донесе одлуката за штрајк на Денот на здравјето. Имавме претставници од цела Македонија и уште еднаш констатиравме дека сме во тешка ситуација по низата покачувања. Продолжуваат да стигнуваат огромни сметки за индустриска струја. Горивото сите знаеме колку се зголеми, а имаме колеги што патуваат и по 85 километри за да ги отворат амбулантите. Се затвораат амбуланти, незадоволството само се таложи и ние во моментот сме доведени до точка на вриење. Ова е наш трет обид Владата да нè чуе дека ние го одржуваме здравствениот систем. Да сфатат дека е неопходно да ги сменат законите. Недозволиво е ова што сега се случува, кога еден матичен лекар оди во пензија, амбулантата се руинира. И ако некој млад лекар се одлучи да работи, принуден е да почне од нула за што нема потреба,“ вели Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватните лекари, за „Макфакс“.

Најавата на заменик-министерот за здравство, Владимир Рендевски, за формирање работни групи што ќе работат на решавање на наталожените проблеми по претходните протести, останала само како ветување. Чолакова-Дервишова вели дека нема никакво поместување за решавање на проблемите по протестите.

И на овој протест матичните лекари ги имаат истите барања. Односно, покачување на капитацискиот бод. Укинување на казните за препишување лекови по истечен извештај од специјалист и менување на правилниците за работа.

„Првите два протеста немаа никаков ефект, ништо од барањата не е прифатено, а тие се стари десет години, толку време нема реформа во приватното здравство. Ние даваме целосна поддршка оти сметаме дека треба правилно да се вреднува трудот на специјалистите во оваа област. Меѓу другото, бараме загарантирана минимална плата за општите лекари, за специјалистите по семејна медицина и за медицинските сестри“, вели Ѓорѓиевски.

Ординациите на матичните лекари од другите градови, утре, поради протестот, ќе бидат затворени, а за време на протестот, затворени ќе бидат и ординациите на лекарите во Скопје.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *