Матичните лекари нема да издаваат рецепти и упати за пациентите, освен за итните случаи, во знак на протест против здравствените власти за кои велат немаат слух за барањата и проблемите со кои се соочува оваа категорија на здравствени работници.
Со ова како што велат сакаат да предупредат на загрижувачките состојби во примарното здравство и нужноста од итни решенија. Истовремено бараат разбирање и поддршка од пациентите.
Финансиските шокови, повисоките сметки за струја, но и покачувањето на минималната плата особено ги погоди матичните лекари од малите населени места кои имаат амбуланти со мал број на пациенти.
Со постојниот надоместок кој го добиваат од Фондот, а кој изнесува 63 денари од пациент, лекарите не можат да ги платат медицинските сестри со минимална плата од 18.000 денари, да ги платат зголемените сметки за струја и да ги покријат сите давачки, поради што се соочуваат со ризик од затворање на ординациите, вели претседателката на Здружението на приватни матични лекари, доктор Лилија Чолакова- Дервишова.