Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во гостувањето на Утрински брифинг, говореше за текот на преговорите со соседна Бугарија, за економската поддршка од страна на ЕУ за справување со кризата, како и перспективите воопшто на процесот на европска интеграција на земјава.
Во однос на преговорите со Бугарија, вицепремиерот Маричиќ рече дека процесот не го врзува со датуми, но и дека доколку не се дојде до решение наскоро, трпението на двете страни ќе биде сигурно намалено и ентузијазмот за решавање исто така, коментирајќи ја тезата на Бугарија дека спорот може да се решава со децении, која според него е нереална, ниту пак може така да изгледа процесот на европски интеграции и сто години да трае, не може да има ефект на промена на идентитетот.
– Ние знаеме кои сме и што сме и знаеме дека нација не може да се создаде со одлука, ниту да се избрише со одлука, ниту пак тоа може да биде целта во 21 век, 2022 година, така што ние инсистиравме на едно достоинствено решение и до сега во текот на разговорите, кажа вицепремиерот Маричиќ.
Маричиќ потенцираше дека не се откажуваат од членството во ЕУ, не се откажуваат од реформите, ниту пак од желбата Северна Македонија да биде членка на ЕУ и европска држава со сите стандарди.
– Тоа е таа агенда од која оваа Влада нема никогаш да се откаже. Тоа не значи дека сме подготвени на какво било решение, на решение коешто би го нарушило нашето достоинство, идентитет и нашите интереси, истакна вицепремиерот додавајќи дека сакаат да продолжат разговорите со Бугарија во една пријателска насока, со цел да се најде решение, да се тргне ветото.