Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ денес одржа онлајн состанок со директорките во германското Министерство за надворешни работи за Западен Балкан, Забине Штер и за Југоисточна Европа, Турција и државите на ЕФТА, Сузане Шуц.
-Позитивните сигнали и поддршката кои ги добиваме од Република Германија исклучително ни значат и се силна потврда за посветеноста на Германија за интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ, но и признание дека како земја направивме многу, реализиравме сериозни европски реформи и остануваме посветени на евроинтегративниот пат на земјата, истакна вицепремиерот Маричиќ.
На средбата беше поздравен напредокот во преговорите помеѓу Северна Македонија и Бугарија, и беше изразено очекување дека двете земји се на добар пат да ги затворат отворените прашања во разумен рок и поскоро да биде отстрането ветото за нашата земја.
Директорките во германското Министерство за надворешни работи за Западен Балкан, Забине Штер и за Југоисточна Европа, Турција и државите на ЕФТА, Сузане Шуц се согласија дека земјите од Западен Балкан се значаен дел од Европа и нивното заостанување е заостанување за самата Унија.
Според нив интеграцијата на Северна Македонија и општо на земјите од Западен Балкан во ЕУ во овие времиња на нестабилност, предизвикана од воениот конфликт во Украина, е клучна за воспоставувањето стабилност и мир во регионот.
Вицепремиерот Маричиќ ги информираше дека Секретаријатот за европски прашања веќе работи на ревидирање и ажурирање на реформскиот план – кој ќе се однесува на приоритетните препораки од Извештајот на ЕК за земјата, како и на целосно подготвање на државната администрација за процесот на пристапни преговори, со цел полесно да одговори на бараната нова Методологија.