Малолетниците ја задушиле жената. Вака информира струмичката полиција за случајот со убиството на улицата Балканска во Струмица. Две момчиња на возраст од 13 и 14 годишна возраст се сомничат дека го извршиле убиството на 67 годишната жена.
Најпрво, во петокот попладнето, СВР Струмица добила дојава дека во посочената куќа е извршено разбојништво и силување. Но, по пристигнување на местото утврдиле дека станува збор за убиство. Деталите засега не се соопштуваат. Но, телото на жртвата е дадено на обдукција а таа утврдила дека станува збор за насилна смрт којашто настанало од задушување.
Полицијата по куса истрага, случајот го поврзала со двете малолетни момчиња. Едното го пронашла во Струмица, додека другото, 13 годишно, во Гевгелија. Во присуство на родител, адвокат и педагог од Центарот за социјални работи, децата се испрашани во полициската станица. По испрашувањето, децата се предадени на Основното јавно обвинителство и Центарот за социјални работи. Тие понатаму ќе дејствуваат согласно законските процедури.
Инаку, куќата на жртвата се наоѓа во центарот на Струмица. Станува збор за една од малите куќарки коишто спаѓаат во поширокиот двор на црквата Свети Димитрија. Иако просторот наоколу е раздвижен, сепак никој не увидел дека има напад во куќата на 67 годишната жена.
Соседите се згрозени од настанот, но не сакаа да го коментираат пред медиумите. Велат дека жената била мирна и живеела сама. Никој не очекувал дека такво злосторство ќе се случи во соседната куќа. Порано, ја гледале често како се движи во соседството, а понекогаш помагала и околу одржувањето на црковниот двор.
Во моментов во кругот на Свети Димитрија е прилично раздвижено. Има механизација и работници коишто секојдневно се таму. Се работи интензивно на големата црква во истиот круг, којашто започна со изградба пред неколку години, но поради недоволно средства мораше да стагнира. Според најавите на Струмичка Епархија, црквата ќе биде посветена на Пресвета Богородица.