Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека е подготвен, кога ќе дојде време, да им помогне на Северна Македонија и Бугарија да постигнат билатерален договор, кој би овозможил конечно да се отворат преговори за членство на Македонија во Европска Унија.
„Франција веќе неколку недели бара решенија за спорот помеѓу двете соседни земји“, соопшти Елисејската палата по синоќешните телефонски разговори на Макрон со премиерот Димитар Ковачевски и бугарскиот претседател Румен Радев.
Оттаму додаваат дека Макрон во тие разговори дал целосна поддршка за постигнување договор помеѓу двете земји, кој би придонесол за добрососедските односи и би ја зацврстил европската перспектива на Северна Македонија.
Бугарија го блокира пристапувањето на Македонија кон ЕУ од ноември 2020 поради спорови поврзани со јазикот и историјата.