Сите очи на светската политичка сцена денеска ќе бидат вперени во два града на различни делови од светот – Москва и Вашингтон.
Во Москва францускиот претседател Емануел Макрон ќе оствари средба со рускиот претседател Владимир Путин, додека германскиот канцелар Олаф Шолц ќе го посети Џозеф Бајден во Белата куќа.
Причината за овие средби е иста – кризата на руско-украинската граница.
Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека верува оти може да донесе историско решение за украинската криза. Макрон во изминатите денови имаше вистинска дипломатска офанзива и веќе трипати телефонски разговараше со Путин, а зборуваше и со Бајден.
Пред патувањето во Москва, тој порача дека неговиот разговор со Путин веројатно ќе биде доволен за да се спречи воен конфликт, и покрај песимистичките проценки во многу западни земји.
Макрон рече дека целта на Русија не е Украина туку појаснување на правилата во врска со НАТО и ЕУ.