• Fri. Nov 22nd, 2024

Македонија воспостави дипломатски односи со Јужна Африка

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, заедно со министерката за надворешни работи на Јужна Африка, Наледи Пандор, потпишаа Заедничко комунике за воспоставување дипломатски односи меѓу двете земји, во рамки на 78-то заседание на Генералното Собрание на Обединетите нации, во Њујорк.

“Воспоставувањето дипломатски односи меѓу Северна Македонија и Јужна Африка ги потврдува нашите заложби за градење пријателски односи и партнерства и со географски оддалечените земји. Отворањето ново поглавје во билатералните односи меѓу двете земји нуди дополнителни можности за развој и на економските и бизнис врски, како и зајакнување на соработката на мултилатерално ниво.”- истакна Османи

Чинот на официјализирање на пријателството меѓу Северна Македонија и Јужна Африка претставува добра основа за развој на соработката во голем број области како културата, туризмот, здравството, како и за градење на договорната рамка.

Јужна Африка е 182 земја со која Северна Македонија има воспоставено дипломатски односи.