Македонија ќе бара кинески вакцини. Владата ја разгледува можноста за набавка на вакцини од Кина. Како што соопшти министерот за здравство, Венко Филипче, во моментот се чекаат детали во однос на цената и на испораката.
„До крајот на неделата верувам дека сите овие информации ќе ги имаме. Мораме да работиме на сите полиња за да обезбедиме интегрален процес. Да нема пауза од моментот кога ќе почне имунизацијата“, вели министерот.
Филипче додаде дека властите во меѓувреме остануваат посветени на реализација на набавките за вакцините преку механизмот Ковакс и во директните набавки од компанијата „Фајзер“, но факт е дека компаниите се соочуваат со проблеми во испораката и доцнење на вакцините во целиот свет и во Европа.
Инаку, Македонија ќе бара кинески вакцини, во отсуство на вакцините од Ковакс системот. Имаше најави и за вакцини од соседна Србија. Засега за нив проблем е регистрацијата на вакцината. Последната седмица премиерот изјави дека пратката ја договара директно со претседателот на Србија, Вуќиќ.
„Како што знаете, во последната недела бараме поддршка и од други земји да ни дадат помош. Со тоа што побргу ќе почнеме, додека не стигнат првите 5.850 дози во февруари. Сакам да ја споделам оваа среќна вест со граѓаните, понудената помош од Србија ја прифативме. Утрово разговаравме со претседателот Вучиќ и тие прифатија да ни помогнат. Деталите ќе ги утврдиме во текот на денот. Знам дека она што може да го потврдат е 8.000 вакцини од Фајзер. Другите имаат договори што треба да ги проверат, клаузули дали може тоа да го направат“, изјави Заев.