Огромен интерес за 11-дневно патување во Занзибар, Африка, популарен како егзотичен рај, има изминатиот период во земјава. Агенциите нудат аранжмани од девет ноќевања, односно 11 дена, по цена од околу 1.000 евра, а она кое што е додатна поволност за нашите туристи е што за ова патување не е потребен негативен тест на корона вирусот, пишува „Фокус“.
Влегуваш во авион, и се упатуваш кон рајската дестинација со најубави плажи, превкусна храна и авантури во ритамот на Африка – вака го опишуваат патувањето македонските туристи кои кон крајот на февруари се вратиле од Занзибар.Како што пишува „Фокус“ туристички агенции потврдуваат дека не е потребен негативен тест на вирусот за влез во Занзибар, ниту пак на враќање назад, за влез во Македонија.
Се патува авионски преку Истанбул, и за таму не бил потребен тестот, бидејќи не се напуштал аеродромот додека се чека конекцијата.Периодов доста популарен бил и аранжманот во Малдиви, за каде исто така не бил потребен негативен тест. За Осмомартовските екскурзии во Дубаи, велат дека е задолжителен негативниот тест кој изнесува 2.600 денари, но и за таму имало интерес.
Егзотично патување во рајскиот Занзибар, на какво што периодов одат десетици туристи од Македонија, може да го донесе јужноафриканскиот сој на коронавирусот во земјава.Хрватските здравствени власти веќе потврдија дека имаат коронавирус од јужноафриканскиот сој благодарение на овие патувања во Африка. Две лица што се вратиле во Хрватска од патување во Занзибар уште по пат развиле тешки симптоми па веднаш биле тестирани, нивните материјали испратени на анализа и потврдено било дека се заразени со овој тип на коронавирус. Јужноафриканскиот сој го нарекуваат „панцир-вирус” зашто лесно може да ги совлада дури и оние кои веќе го прележале стариот сој на вирусот и прашање е дали вакцината штити од него.