ЛДП ја напушти владејачката коалиција. Пратениците на Либерално-демократската партија ќе дејствуваат самостојно во Собранието. Од партијата наведуваа дека одлуката за самостојно дејствување на своите пратеници Моника Зајкова и Боби Мојсоски е донесена на седница на Централниот одбор на партијата. Ваква одлука имале уште од август минатата година, но сè уште не е реализирана од објективни причини.
„Како партија донесовме одлука уште пред седум месеци за самостојно дејствување во македонскиот Парламент. Ова е заради подобро претставување на либералните вредности и поголем простор на дејствување од страна на нашите пратеници. Тоа за нас претставува демократски потег и не е поврзано со дневнополитички теми. Оставивме доволно простор за имплементација на оваа одлука. ЛДП како и нејзините пратеници и понатаму ќе продолжат да ја поддржуваат Владата. Тоа ќе се потврди и со гласањето доверба на министрите Љупчо Николовски и Бојан Маричиќ“, велат од Либерално-демократската партија.
Од партијата додаваат дека во следниот период одлуката ќе се реализира и ќе дејствуваат како и останатите либерали во парламентите низ Европа.
ЛДП е македонска политичка партија со либерална ориентација. Партијата е наследник на Либералната и Демократската партија, кои на 19 април 1997 година се обединиле, формирајќи ја ЛДП. За прв претседател на ЛДП е избран Петар Гошев. Тој дотогаш бил претседател на Демократската партија. ЛДП е полноправна членка на Либералната Интернационала. Моментален претседател на партијата е Горан Милевски.