Минатата 2021 година е година со најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години, а податоците од првите четири месеци во 2022 година покажуваат дека и оваа година продолжува трендот на значително намалување на бројот на жртви во сообраќајните несреќи.
Министерството за внатрешни работи, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност од Скопје продолжуваат со активностите со цел подигање на нивото на сообраќајна култура и на тој начин намалување на бројот на жртви во сообраќајот. Денеска во Охрид почна новата превентивна кампања насочена пред се кон возачите на мотори, велосипеди и електрични тротинети „Носи кацига, вози безбедно!“.
Помошник министерот за односи со јавност во МВР Тони Ангеловски истакна дека ваквите превентивни акции директно влијаат на подигањето на нивото на сообраќајна култура, а на тој начин се намалува бројот на жртви во сообраќајот.
„ Безбедноста во сообраќајот е одговорност на сите нас и сите заеднички мора да го подигаме нивото на сообраќајната култура. Токму како резултат на активностите што ги спроведуваме изминатите години евидентен е трендот на опаѓање на бројот на жртви во сообраќајот кој секоја година се намалува, но, се разбира, и една жртва за нас е многу, па затоа продолжуваме интензивно да работиме за уште повеќе да ја намалиме оваа бројка. Минатата 2021 година има 116 жртви и тоа е година со најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години, а податоците од првите четири месеци во 2022 година покажуваат дека и оваа година продолжува трендот на намалување на бројот на жртви во сообраќајните несреќи. Во првите четири месеци од 2022 година има 26 жртви, што е за 14 помалку споредено со истиот период лани, кога имало 40. Оваа кампања што денеска ја почнуваме е за да влијаеме на свеста на возачите и на тој начин самите да си ја зголемат безбедноста. Ова особено важи за возачите на мотори, но и за возачите на електрични тротинети, кои се се помногубројни. Носењето кацига може да ви го спаси животот. Иако минатата година е најбезбедна во последните 15 години, сепак имаме 11 возачи на мотори кои го изгубиле животот. Доколку ги почитуваме правилата и носиме заштитен шлем оваа бројка значително ќе ја намалиме“,рече Ангеловски.