Лани двојно бил намален бројот на жртви во сообраќајки во споредба со 2020 година. статистиката на СВР Струмица покажува дека евидентирано е намалување на бројот на жртви во сообраќајни несреќи за 50% споредбено со 2020 година, а на подрачје на ОВР Радовиш во 2021 година не е регистрирана ниту една сообраќајна несреќа со смртни последици.
И покрај ваквата состојба, СВР Струмица – ОВР Радовиш продолжува со превентивни мерки кои Министерството за внатрешни работи ги реализира во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност во рамките на планот „Безбедно лето“, информираат од СВР.
Во овој период од годината сѐ поголем е бројот на учесници во сообраќајот кои управуваат мотоцикли и електрични тротинети. На подрачје на ОВР Радовиш во првата половина од 2022 година не се регистрирани сообраќајни несреќи со загинати, ниту повредени мотоциклисти, а истото беше случај и во првата половина на 2021 година.
Одделението за внатрешни работи Радовиш на подрачје на Радовиш спроведе превентивна активност „Носи кацига, вози одговорно“ во која преку делење на летоци со едукативна содржина им се укажуваше на мотоциклистите и возачите на електрични тротинети за потребата од носење на заштитна кацига заради нивна безбедност, а воедно им беше укажано за почитување на сообраќајните правила и прописи со цел заштита на сите учесници во сообраќајот.
Во превентивна активност учествуваа и членовите на мото клубот „Џинка“ од Радовиш.
Одделението за внатрешни работи Радовиш апелира до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, укажувајќи дека и во иднина како преку превентивни, исто така, и преку репресивни мерки и активности ќе влијае на подигање на нивото на сообраќајна култура, бидејки безбедноста во сообраќајот е заедничка одговорност на сите.