Со читање на првиот расказ „Спирко“ напишан по вистински настан од палавштините на својот брат, започна настанот на кој се обележи тридецениското творештво на авторката Ксенија Маказлиева-Трајчева. Авторот за деца Киро Донев рече дека талентот кај Ксенија го открил уште додека била дете, па било логично да ја поддржи во нејзиното остварување како автор и уредник.
Ксенија вели дека авторството и создавањето за деца го доживува како благослов, но особено уредништвото.
Во својот работен век, под нејзино раководство како одговорен и креативен уредник, се потпишала во над 480 отпечатени броеви на списанијата за деца „Другарче“ и „Росица“ и во над 50 книги и прирачници за деца за предучилишна и рано училишна возраст.
Во март 2020 се здобива со признание за најдобар уредник на списанија и книги за деца од меѓународната организација Green ThinkerZ Society, како еден од 50-те најдобри уредници во светски рамки. Денес работи како Одговoрен уредник на списанијата за деца „Росица“ и „Другарче“. Како и уредник на книги за деца и прирачна литература за предучилишно и основно образование. Активно е вклучена во литературни манифестации за деца во државата и регионот. Исто така и како автор за деца и коорганизатор на литературни манифестации, конкурси и книжевни работилници за деца и млади.
Соработува на повеќе проекти од областа на еднаков пристап за сите во борбата за подигнување на општествената свест за лицата со посебни потреби, особено лицата со аутизам, како и на проекти за борба против насилството од секаков вид, еколошки, едукативни и интердисциплинарни проекти во државата и странство.
Нејзиниот последен ангажман е вклучување во Асоцијацијата на најдобрите наставници од регионот во организацијата на „ Првата конференција на најдобрите наставници од поранешните југословенски простори“.