Како ќе се произведува и каде ќе се продава стануваат најгорливите прашања на производителите на земјоделски производи во државата. Овие прашања, сепак, ќе го допрат секој граѓанин, велат градинарите. Ако не се произведе ќе бидеме зависници од увоз, што исто така е неизвесно во период на продолжена криза. Драги Памуков, земјоделец и претставник на земјоделската задруга Вегефреш, вели дека проблемите засега се насочени кон пласманот, бидејќи на праг сме на берба на пролетната реколта.
Памуков повторно апелираше дека овојпат продажбата на производите не треба да се работа само на производителите и трговците, туку ќе треба да се ангажираат и капацитетите на државата, вклучително со дипломатските претставништва. Не смее да остане ниту еден плод во нивите кога светот ќе биде соочен со недостаток на храна, вели тој.
Продажбата на пролетната реколта е клучна за земјоделците, бидејќи од неа ќе зависи и со какви средства ќе располагаат земјоделците за садење на вториот турнус.