Сезоната на годишните одмори е во тек, па редиците возила на граничните премини се вообичаена слика особено во викендите. Од полицијата велат дека нема поголеми задржувања од македонска страна и оти повеќе се чека на грчката страна поради процедурата потребна за влез во нивната земја
По ланската година на затворени граници и оневозможени патувања, колоните возила на граничните премини низ земјава се повторно актуелни како и пред пандемиската година. Во период на годишни одмори, особено во месеците јули и август, вообичаени се задржувања на граничните премини. Поради високите температури луѓето кои патуваат, особено семејствата со мали деца, стануваат нервозни, па така граѓани коментираат дека полициските службеници на граничните премини треба да бидат побрзи и да овозможат побрз проток на возилата.
Наша екипа вчера беше на граничниот премин Блаце каде што забележавме колони возила. Иако се свесни дека гужвите не се невообичаени во овој период од годината, сепак некои од патниците се пожалија дека поголема гужва има од македонската страна за влез во Косово.
„Често поминувам низ граници, но само тука на влез на Македонија како во времето на поранешна Југославија, возилата полека се движат. Премногу полека работат граничарите. Еве јас веќе дваесетина минути не се мрдав од место, “ вели Сефер Шабани од Гостивар.
„Јас доаѓам од Хрватска, одиме за Скопје. Застој има да, но претпоставувам дека причината се годишните одмори. Луѓето многу патуваат, па мигрираат од едно место на друго. Има доста странски државјани кои се враќаат дома за годишните одмори и тоа ја прави гужвата“, вели Антонио Дувњак од Загреб.
Од македонската полиција тврдат дека поголеми задржувања на граничните премини нема и оти тие се во просек околу 20-тина минути на премините Богородица, Табановце и Блаце ,пред се, поради напливот на странски туристи кои транзитираат од Србија преку Македонија кон Грција и наши државјани кои одат на одмор во Грција.
„Се разбира тука се процедурите на грчките власти, односно стандардните проверки кои ги имаат поврзани со потребните документи за вакцинираност или негативен ковид тест и тие одземаат време, но она што можам да го кажам е дека нема поголеми застои, нашите службеници работат на сите ленти, апсолутно правиме се што може да се забрза протокот на возила колку што е можно во наша надлежност, а се разбира не можеме да влијаеме на брзината на работење на службите од другите држави“, изјави Тони Ангеловски, портпарол на МВР.