Секторот за внатрешни работи Струмица, до Основното јавно обвинителство Струмица, поднесе три известувања за шест малолетници (пет од Струмица и еден од с.Просениково, струмичко) поради постоење основи на сомнение дека во текот на јануари и февруари 2021 година извршиле 26 кривични дела на подрачјата на Струмица, Богданци и Гевгелија. За сторените кривични дела СВР Струмица достави Известување и до Центарот за социјални работи Струмица.
Малолетниците се осомничени дека сториле 10 кривични дела „тешка кражба на дрзок начин“, пет кривични дела „разбојништо“, две кривични дела „тешка кражба со искористување на немоќ или несреќа на друг“ и по едно кривично дело „одземање на моторно возило“, „тешка кражба во обид“ и „кражба“.
Покрај наведените кривични дела, за пет од малолетниците постои основано сомнение дека заедно со Р.Е.(22) од Скопје, кој престојувал во Струмица, извршиле и други шест кривични дела (едно кривично дело „разбојништво“, три кривични дела „одземање на моторно возило“ и две кривични дела „тешка кражба“).
За еден од малолетниците, од страна на Основен суд Струмица е доставен упатен акт и тој бил пренесен во Воспитен дом Тетово.