• Fri. Nov 22nd, 2024

Ковачевски: Владата има многу јасен план за справување со енергетската криза

Премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашање поврзано со светската енергетска криза, истакна дека Владата има многу јасен план за справување со енергетската криза, а тоа е ставање во функција на сите производствени капацитети.

„Веќе се работи на оспособување на блок три во РЕК Битола, потоа во функција е ставен ТЕЦ Осломеј кој долги години не работеше и ставен е во функција ТЕЦ Неготино.  Поточно, утрово е ставен првиот котел во функција во ТЕЦ Неготино и тој веќе произведува електрична енергија со моќност од 60 мегавати до крајот на денот треба да биде и до 80 мегавати, а веќе тимови на експерти во кои се вклучени и универзитетски професори работат на пуштање на вториот котел на ТЕЦ Неготино“, истакна премиерот Ковачевски.

Премиерот Ковачевски дополни дека на  77-то Генерално собрание на ОН во Њујорк 90% од разговорите на светските лидери и на генералната дебата и дебатите кои беа на другите конференции во рамките на Самитот на ОН и на билатералните средби, клучни дискусии беа во однос на снабдувањето со енергија и во однос на снабдувањето со храна.

„Ние водиме разговори со Србија, со Бугарија исто така, но таму е малку посложена ситуацијата бидејќи Бугарија во моментов нема парламент, а нивното законодавство е прилично лимитирано во однос на продавање на вишоци на електрична енергија со директни договори. Разговараме со Турција и сметам дека сме на добар пат да обезбедиме базна енергија,  а со Србија го очекуваме одговорот бидејќи таму се работи за гас којшто потоа би бил користен во когенеративната централа. Се работи секојдневно, постојано. Нашиот Вицепремиер за економски прашања е во Брисел, со оглед на тоа што имаме отпочнато процес на преговори и детален скрининг меѓутоа и тие состаноци таму се користат за адресирање на прашања во однос на енергетиката“, рече Ковачевски.

За финансирањето на сето ова, Ковачевски рече дека веќе е обезбедена финансиска конструкција со билатерални кредитори, а во скоро време очекува да завршат и преговорите со Меѓународниот монетарен фонд – ММФ, но оти се разговара и со некои финансиски побогати држави од Блискиот Исток.

Премиерот Ковачевски апелираше дека во услови на светска енергетска криза, нема политика и собирање на дневно политички поени, тоа се потврди и во минатото.

„Апелирам до пратениците на опозицијата што побрзо и без никакви уцени и под маса преговори кои што дел од нивното раководство сакаат да ги прават да се одобри кредитот од ЕБОР за ликвидни финансиски средства за ЕСМ со којшто треба да се набави електрична енергија за регулираниот пазар“, додаде Ковачевски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *