Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, денеска учествуваше на настан „Социо-политичко учество на младите“ на кој беа презентирани резултати од телефонска анкета на младите, а во организација на Фондацијата Вестминстер.
„Убаво е кога имаме можност да го слушнеме гласот на новите генерации. За нас како Влада е многу важно отворено да зборуваме за барањата, сугестии и иницијативите на младите. Токму овој инпут, што како претставници на институциите го добиваме директно од вас младите, ни дава можност да бидеме се подобри и попрецизни во исполнувањето на вашите очекувања. Тоа е вашиот придонес за креирањето на политики кои се однесуваат на сегашните и на идните генерации“, рече премиерот Ковачевски во обраќањето.
Премиерот Ковачевски истакна дека Владата има слух и демократски капацитет и развива системски пристап во решавањето на проблемите со кои се соочуваат младите. Меѓу овие постигнувања се: посебниот Закон за младинско учество и младински политики, Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување, Гаранцијата за млади, преку донесувањето и имплементацијата на Законот за практиканство, но и Законот за младински додаток. Овие законски решенија Владата покажа дека благосостојбата на младите и нивното учество во општествениот живот и во креирањето на политиките се врвен приоритет.
Премиерот посочи дека токму како резултат на системските решенија од 43,2% во 2015 година невработеноста на младите сега е намалена на 28,3%. Во континуиран дијалог со студентите и средношколците се донесени мерки со кои се јакне студентскиот и ученичкиот стандард. Во моментот над 36.000 студенти користат субвенциониран студентски оброк во износ од околу 3.000 денари месечно, а за речиси два пати ги зголемивме студентските и ученички стипендии и воведовме нови видови стипендии.
„Сето ова го кажувам единствено како поттик за сите нас заедно да работиме уште повеќе и посериозно на сето она што ќе ви овозможи да си ги остварите соништата тука, дома. На сите нам ни е јасно дека за да се случи тоа, треба да се работи и на приоритети како што се владеење на право, економска и социјална стабилност, еднакви можности за сите и здрава животна средина. Стојам на девизата дека само младите знаат што е најдобро за нив и затоа и понатаму остануваме ваши сојузници и партнери во креирањето општество во кое ќе има место за сите да си го остварат целосниот потенцијал“, рече премиерот Ковачевски