Претседателот на Владата Димитар Ковачевски придружен од министерот за здравство Беким Сали, денеска го посети и отвори одделението за магнетна резонанца во рамки на одделот за рентген во ЈЗУ Општа Болница со проширена дејност – Прилеп.
Во продолжение ви ја пренесуваме во целост изјавата на премиерот Ковачевски:
„Нашата посета на Општата болница во Прилеп е по повод отворањето на одделот во кој е поставен ново набавениот апарат за магнетна резонанца. Одделението со нова магнетна резонанца во Прилеп е дел од приоритетите на Владата и на Министерството за здравство. Освен во човечкиот капитал, сериозно да инвестираме и во опремување и реновирање на здравствените установи.
Магнетната резонанца е од огромно значење и придобивка за граѓаните на Прилеп и околината. Во овој оддел од денеска највисока здравствена услуга неопходна за точна дијагностика ќе добиваат околу 120.000 граѓани.
После повеќе од 50 години болницата добива модерен апарат за магнетна резонанца и сега ќе може уште полесно и поцелосно да ја остварува својата мисија – да обезбедува квалитетна здравствена услуга за населението од Прилеп, Крушево и Македонски Брод и за целиот овој регион, вклучително и Кавадарци.
Граѓаните од Општина Прилеп и околината нема веќе да патуваат во Скопје или Битола за да ја добиваат оваа здравствена услуга. Сега им се отвора можност олеснет пристап, без дополнителни трошоци и време за термин, да ги добиваат резултатите веднаш.
Апаратот го обезбеди Министерството за здравство, додека болницата ги обезбеди средствата за градежниот зафат и дополнителната опрема.