Северна Македонија ќе има избори во 2024 година, прво ќе имаме претседателски, а потоа и парламентарни избори. На тие избори ќе се случи истото што се случи и во општината Маврово Ростуше, кога ВМРО-ДПМНЕ зборуваше за огромна предност на нивната политичка партија и на крај катастрофално ги изгубија изборите, изјави премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета на фабриката „Брилијант“ во Штип.
Според премиерот тоа е резултат на политиките кои оваа Влада ги води, а тоа, како што кажа, „се политики за европска интеграција на државата со многу јасен план за справување со економската и енергетската криза“.
– ВМРО-ДПМНЕ можеше да покаже што може да направи, бидејќи освои над 50 општини во државата пред само една година и гледаме дека катастрофално управува со тие општини. Како што 11 години ја упроспастија државата да не мрдне еден милиметар во европските интеграции, да немаме ниту една голема инвестиција во енегретскиот сектор, истото тоа го потврдуваат и сега дека се потполно истата партија, со потполно ист начин на управување во Градот Скопје. Единаесет години како што беше државава заглавена под власта на ВМРО-ДПМНЕ така сега Скопје цела една година е заглавено под власта на ВМРО-ДПМНЕ, нагласи Ковачевски.