Во рамки на широката консултација која започна да се реализира веднаш по добивањето на европскиот предлог, премиерот Димитар Ковачевски, денеска ќе одржи средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Оваа средба, како што појаснуваат од кабинетот на Ковачевски е дел од низата планирани консултативни средби со лидерите на опозицијата, како дел од широката консултација за предлогот на француското претседателство,
„По добивањето на предлогот од француското претседателство, премиерот Ковачевски одржа консултативни средби со лидерите на владината коалиција, со дипломатскиот кор, граѓанскиот сектор, со претставници на експертската јавност и медиумите. Премиерот Ковачевски најави дека секоја одлука за предлогот ќе се носи низ дијалог и консултации во интерес на иднината на сите граѓани на Република Северна Македонија“, стои во владиното соопштение.